Првата класификација на маслата според условите за неговата примена и работните карактеристики е предложена од страна на Американскиот институт за нафта (API) уште во 1947 година.
Од тогаш па наваму таа постојано се дополнува, но, се задржал постоечкиот принцип на поделба на маслата во две категории „S" и „C". Во категоријата „S" спаѓаат масла за четворотактни бензински мотори, а во категоријата „C" масла за дизел мотори за автомобили, камиони, механизација за градежништво и земјоделство.
Со зголемените барања во однос на квалитетот на маслата, степенот на работните својства според API во категоријата „S" се дели на десет класи (SA, SB, SC, SD, SE, SF, SG, SH, SJ, SL), а во категоријата „C" на единаесет класи (CA, CB, CC, CD, CD-II, CE, CF, CF-2,CF-4, CG-4, CH-4).
Ознаките во класата CD-II, CF-2,CF-4, CG-4, CH-4 даваат дополнителни информации за примената на овие видови масла кај 2-тактните и 4-тактните дизел мотори. За ознаки на универзалните масла, т.е. масла кои се употребуваат за подмачкување на бензински и дизел мотори се применуваат двојни ознаки, на пример: SF/CC, SG/CD и CF-4/SH.